За првпат во Македонија е изведена трансплантација на менискус кај 30-годишен пациент, кај кого претходно е извршена тотална менисцектомија на медијалниот менискус, соопшти Министерството за здравство. Операцијата на Клиниката за ортопедија ја изведе доц. д-р Алан Андоновски, а во тимот се вклучени ас. д-р Милена Богоевска-Доксевска, д-р Исмаил Велиу, д-р Теодора Божиновска, д-р Мики Ѓорески, медицинските сестри Билјана Тројановиќ, Сања Тодоровска, Костадинка Вуковиќ и болничарка Ирена Галевска. Анестезиолошкиот тим го сочинуваа д-р Мики Филев, сестра Злата Апостолоска и Гордана Захариева.
„Овој тип оперативен зафат не би бил можен без постоење на програмата за трансплантација и дарувањето органи од починат дарител. Во оваа прилика ја потенцираме важноста на алтруизмот на семејствата на починатите дарители, што на уште еден пациент, благодарејќи на нивното човекољубие, ќе му се подобри квалитетот на живот“, изјави д-р Богоевска-Доксевска, болничка координаторка за трансплантација на Клиниката за ортопедија.
Националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска вели дека подигнувањето на свесноста кај граѓаните за органодарителство е нејзин приоритет, исто како и инвестицијата во едукацијата и новите развојни методи во трансплантационата медицина.