Државниот инспекторат за транспорт не кажува колку неправилности се констатирани за пречекорена дозволена носивост на тешките возила во Велешко. Во прашањата испратени неколкупати по електронска пошта, баравме одговори поради дилемите во јавноста, колку ваквиот товарен соображај влијаше на нарушување на безбедноста на мостот на Вардар кај Башино Село.
Нема одговор и колку контроли се извршени во стопански субјекти – каменоломи во општините Велес и Чашка за контрола на тежинска состојбата на товарно возило пред товарење и по товарење на стоката која ја транспортира, како и за споредбени податоци со 2020 година.
„Индикатор за причина за нарушената стабилност на мостот се токму овие тешки моторни возила, камиони кои секојдневно сообраќаат преку него. Затоа е потребно да се знае дали и колку контроли има извршено и колку од нив покажале дека тежината е поголема од дозволената. Останува дилемата што ќе беше ако српската фирма, која ја зема под концесија депонијата со згура, започне активно да го дислоцира ридот со јаловина по најавената динамика секојдневно со 40 па и повеќе камиони, кои требаше да минуваат преку мостот“, вели сообраќаен инженер, кој поради работната позиција не е во функција да дава официјални изјави.
Целокупниот товарен сообраќај од индустрискиот дел на Велес и од Општина Чашка за транспорт на стока од каменоломите и режани дрва од планинските масиви на Азот минува преку мостот на Вардар, кај Башино Село. Тој е со нарушена стабилност и два месеца беше затворен за сообраќај. Упатени во оваа проблематика велат дека со години биле ретки и инцидентни контролите за товарот кој го пренесуваат камионите, а сообраќаат по патиштата во Велешко и преку мостот кај Башино Село.
Од СВР Велес велат дека во 2024 сообраќајната полиција пишала 17 казни за товарни возила, кои превезувaле тежина поголема од дозволената.
„Од страна на Полициската станица за безбедност во патничкиот сообраќај Велес во текот на 2024 година по разни основи биле контролирани вкупно 20.263 возила и возачи, во кој податок влегуваат и контролирани товарни возила, од кои кај 17 возила и возачи бил констатиран прекршок за претовар односно истите не ги почитувале законските одредби. Против сите нив се поднесени соодветни поднесоци до надлежен суд како надлежен орган за понатамошна постапка и одлучување“, вели СВР Велес.
По затворањето на мостот за сообраќај на почетокот од годинава, а на заедничката средба на локалната власт и компаниите чии камиони превезуваат стока, беа преброени најмалку 150 такви превозни средства кои секојдневно минуваат преку мостот. А на средбата беа само дел од фирмите кои превезуваат стока. Затоа, останува непознато колку тешки товарни возила дневно минуваат преку овој мост кој е во критична состојба.
Летото 2018, извршено е пребројување дека во еден час, дење, во работно време преку мостот минуваат 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили, за што стручните лица оценуваат дека е преголема бројка за таков мост. Мостот е граден со мали растојанија од столб до столб, низок е и при секое надоаѓање на реката Вардар е во опасност да се оштети, сруши или преврти. Граден е во 1971 од Југословенската народна армија (ЈНА) како времен објект, по систем набивање на колови за побрзо да се изгради.
„Голема опасност по мостот се и бројните трупла дрвја, кои ги носи реката при нејзиното надоаѓање. Тие се голема опасност бидејќи при со закачувањето на носачите се создава голем притисок од надојдената вода врз мостот“, кажа сообраќаен инжинер, упатен во проблематиката со мостот.
П. ПЕЧКОВ