ДОДЕКА ПАЛЕВСКИ ОДГОВАРАШЕ НА ПРАШАЊА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО, КЕШИШЕВ КОМЕНТИРАШЕ „НЕМА ВРСКА ОВА“

    ДОДЕКА ПАЛЕВСКИ ОДГОВАРАШЕ НА ПРАШАЊА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО, КЕШИШЕВ КОМЕНТИРАШЕ „НЕМА ВРСКА ОВА“

    Четири дена по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, на 30.11.2023 година првообвинетиот Љупчо Палевски зел цела опрема за подкасти, а ниту еден документ од неговата медицинска документација и заминал за Белград.

    На денешното судење, обвинителката Жаклина Јосифовска го праша денеска Палевски каде всушност одел, зашто иако тврдеше дека го боли кичмата и одел во Белград по второ мислење за болеста, со себе немал ни едно ливче од медицинската документација.

    „Имав две цедиња во куферот, обвинителството ми ги украде”, кажа Палевски, кој денеска е видно нервозен.

    На следно прашање – зошто како совесен граѓанин не се вратил од Беликесир (Турција), кога видел дека неговата слика е на медиумите, Палевски кажа дека иако му било јасно дека е осомничен и ќе го апсат, сепак не знаел ни полицијата, ни судот кај се.

    „Немав забелешка за турската полиција, освен една. Кога ме уапсија, ме тргна еден од инспекторите, ме сликна и на Ватсап му ја прати на тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Потоа таа фотографија беше проследена до медиумите”, одговори Палевски.

    Обвинителката се наврати на 22.11.2023 година, дента кога беше грабнат и убиен 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, со констатација дека Палевски измислил дека го сретнало едно лице тука во Скопје, во моментот на кривичните дела врз Панче.

    „Тоа лице постои и е претепано во вашата истрага. Има сериозни последици. Јас не можам да се сетам на неговото име и презиме. Додека ја шетав Хера, среќавав многу луѓе. Благодарение на медиумите, не прифаќаат покани за сведочење”, ги обвини Палевски медиумите.

    Потоа го споменуваше сообвинетиот Влатко Кешишев, а тој на адвокатот му шепотеше: „Нема врска ова”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира