ОПАСНИ ЗГРАДИ НИЗ СКОПСКИ ЦЕНТАР, ВИСАТ ПАРЧИЊА ОД РАСПАДНАТИ КРОВОВИ ВРЗ ТРОТОАРИТЕ

    ОПАСНИ ЗГРАДИ НИЗ СКОПСКИ ЦЕНТАР, ВИСАТ ПАРЧИЊА ОД РАСПАДНАТИ КРОВОВИ ВРЗ ТРОТОАРИТЕСтанарите од зградата на улицата Орце Николов сами го оградиле просторот да не се минува до зградата и поставиле знак за внимание. (Фото: СДК.МК)

    Цели парчиња од крововите на дел од зградите во скопската Општина Центар се паднати, а дел од нив висат и можат да паднат врз минувачи. Станува збор за стари згради низ Дебар Маало кои се изградени уште пред земјотресот во 1963 година. Оттогаш фасадите и крововите на овие згради не се реновирани, па од ден на ден  сè повеќе се оштетени и се опасност за минувачите покрај нив.

    Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК забележа опасни фасади и кровови на зграда на улицата Ленинова во близина на кафулето „Глуво куче“, на улицата Орце Николов во близина на кружниот тек, како и на улицата Рузвелтова после просториите каде што беше сместено поранешното Специјално јавно обвинителство.

    Станарите од зградата на улицата Орце Николов дури и самите го оградиле просторот да не се минува до зградата и поставиле знак за внимание.

    Од Општина Центар велат дека обврската за реновирање на зградите е на станарите и управителите на зградата.

    „Од страна на инспектор за домување, управителите и станарите ќе бидат задолжени да извршат санирање на фасадите. Одговорноста за секоја евентуална штета и за ризиците по безбедноста ја сносат сопствениците и управителите на зградите. Доколку има поплаки дека управителот не постапил согласно обврските, Општина Центар може да издаде задолжение кон управителот за преземање мерки за санација. Нашите инспектори секојдневно вршат контрола на терен, но доколку граѓаните забележат оштетени фасади или опасност за безбедноста, ги охрабруваме тоа веднаш да го пријават во Секторот за инспекциски работи на Општина Центар“, велат од Општина Центар.

    Од таму додаваат дека оваа недела Општината ќе распише јавен повик за реконструкција на фасади на згради на кој можат да се пријават станарите и на овие згради и тие да бидат санирани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира