Пропадна тендерот на Владата за избор на фирма која треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание и ќе овозможи да се прави оценување на објавените вести дали се позитивни, негативни или неутрални.
На страницата на Бирото за јавни набавки е објавено дека тендерот пропаднал бидејќи не се пријавила ниедна фирма. Службата за општи и заеднички работи на Владата објави нов, втор тендер за прес-клипинг со истите услови како во претходниот тендер. Новиот тендер е објавен на 25 април, а отворен е до 27 мај, до кога треба да се поднесат понудите.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 27 март објави дека Владата планира да ги оценува медиумите и вестите кои ги објавуваат. Во техничката спецификација на тендерот објавена на страницата на Бирото за јавни набавки, без да се специфицира предвидениот буџет, стои дека фирмата која ќе биде избрана на тендерот треба да овозможи услуга за оценка на медиумското влијание или клипинг, односно следење, селекција, изработка и дистрибуција на објави во печатените, електронските и интернет медиумите и на социјалните мрежи. Софтверот треба да овозможи податоци за медиумот кој ја објавил веста и име на авторот на веста.
„Веб пристапот до објавите 24 часа на ден треба да обезбедува можност за пребарување, обележување на клучни зборови во објавата, прикажување на оригиналниот извор со линк, можност за изработка на извештаи, можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација и онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри“, стои во техничката документација на тендерот.
Од Владата тогаш на нашите прашања зошто е потребно оценување на вестите во медиумите ни одговорија дека тендерот е распишан за да се креираат политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните и за воочување на грешките во работењето.
„Анализата на медиумите им овозможува на институциите да ги следат реакциите на јавноста на соопштенија за политики, новите прашања или кризи. Покрај ова, следењето на трендовите и јавниот дискурс помага да се предвидат предизвиците и да се усогласат пораките со очекувањата на засегнатите страни. Нашата тенденција е да креираме и спроведуваме политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните, но и воедно да ги воочуваме грешките во работењето и истите да ги коригираме. Во тој контекст, особено влијание и значење за нас имаат медиумите како еден од најрелевантните фактори со активна улога на коректив на власта. Системот пропишан во документацијата не се однесува на оценка на релевантноста на самите вести, туку пораките кои доаѓаат од медиумите во насока на коригирање на можните грешки во спроведувањето на политиките од работењето на Владата. И во таа насока, на медиумите единствено гледаме како силен коректив и партнер во спроведувањето на политики од заеднички и општествен интерес“, кажаа од Владата.
А. АНТЕВСКА