Општина Центар ќе формира чуварска служба со цел да се спречи уништување на парковите, игралиштата и урбаната опрема. Оваа одлука беше изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар, а беше иницијатива на советникот Ненад Матевски.
Матевски вели дека чуварската служба ќе биде надлежна за надзор и заштита на урбаната опрема, како што се детски игралишта и спортски реквизити, заштита на зелените површини и растителниот свет со цел да се спречи нивно оштетување и за информирање на надлежните служби за случаи на вандализам, загадување и несовесно користење на јавните површина.
Од Општина Центар велат дека во тек е изготвување правилник за работа, во кој ќе биде опфатена обуката на лицата кои ќе бидат ангажирани во чуварската служба. Таа ќе функционира во рамките на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
„Оваа служба ќе има обврска веднаш да ги информира Инспекторатот на Општина Центар и МВР за сите дејствија што го нарушуваат јавниот ред и мир. Чуварската служба ќе биде мобилна, со цел да обезбеди постојано присуство и надзор на целата територија на Општина Центар, односно во сите 18 урбани заедници“, велат од Општина Центар.
А. АНТЕВСКА