СИТЕ СТРАНСКИ ДИПЛОМАТИ ВО ЗЕМЈАВА ГИ ПОСЕТИЛЕ СПОМЕН-СОБИТЕ НА КИРО ГЛИГОРОВ ВО ШТИП, КОИ СОДРЖАТ ИЛЈАДНИЦИ ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ

    СИТЕ СТРАНСКИ ДИПЛОМАТИ ВО ЗЕМЈАВА ГИ ПОСЕТИЛЕ СПОМЕН-СОБИТЕ НА КИРО ГЛИГОРОВ ВО ШТИП, КОИ СОДРЖАТ ИЛЈАДНИЦИ ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИСпомен-собите на Глигоров се отворени пред осум години. (Фото: СДК.МК)

    Во новиот мултимедијален центар во Штип кој го носи името на првиот претседател во независна Македонија, Киро Глигоров, се наоѓаат и спомен-собите за него, кои се формирани во 2018, една година по изградбата на центарот. Спомен-собите се на две нивоа и се состојат од илјадници лични предмети и документација за Глигоров, голем број факсимили и оригинални ракописи и оригинални фотографии од целиот негов живот, од детството во Штип, каде што е роден во 1917. Во спомен-собите се наоѓаат и голем број ордени, признанија и подароци што Глигоров како ценет државник во светот ги добивал при неговите посети во странство.

    Според раководителот на центарот „Киро Глигоров“, Кирил Панајотов, Општина Штип ги има отворено спомен-собите благодарение на неговото семејство и неговите наследници.

    „Во една од спомен-собите на Киро Глигоров се наоѓа семејниот клавир, што најмногу го користела неговата сопруга Нада, која свирела од дете во Штип. Нејзиниот прв учител бил основоположникот на македонската и на штипската музичка култура Сергеј Михајлов. Не се изложени само фотографии од обидот за атентат врз Глигоров. Овој немил настан го има во документарецот што се емитува на голем екран додека посетителите ја разгледуваат спомен-собата и можат седнати како во кино да го гледаат филмот за животот и делото на Киро Глигоров“, вели Панајотов.

    Според него, во Македонија владее голем интерес за спомен-собите на Глигоров, но и за самиот современ мултимедијален центар, кој располага и со киносала и сала за трибини и изложби.

    „Секоја недела имаме најмалку една организирана групна посета на ученици од училишта во Македонија, а најредовни се учениците од основното школо во Скопје кое го носи името на Киро Глигоров. Исто така, нема странски државник или дипломат кој дошол во Македонија, а да не ги посетил центарот и спомен-собите. За сите посети се води педантна евиденција. Имам забележано дека еден ден центарот и спомен-собите ги посетиле 474 луѓе од повеќе места во Македонија. Сите посетители добиваат информативен каталог насловен според мислата на Глигоров, ‘Македонија е сѐ што имаме‘“ вели Панајотов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира