НЕМА ПЛАН Б, ОСТВАРЕТЕ ГО ТОА ШТО Е ПОТПИШАНО КАКО ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА СО ЕУ, МУ КАЖА АНТОНИО КОШТА НА ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ

    НЕМА ПЛАН Б, ОСТВАРЕТЕ ГО ТОА ШТО Е ПОТПИШАНО КАКО ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА СО ЕУ, МУ КАЖА АНТОНИО КОШТА НА ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИНи до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта не допираат барањата за гаранции дека Бугарија повеќе нема да блокира, ни пресудите од Стразбур против неа. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на Европскиот совет, Португалецот Антонио Кошта, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски денеска во Скопје во рамки на регионалната турнеја, многу директно кажа дека ЕУ нема план Б за Македонија и оти треба да се изврши и реализира потпишаното во 2022 година.

    Но пред да го одговори тоа по новинарско прашање, Кошта како уште позначајни резултати што треба државата да ги даде за да ги почне преговорите за членство во Унијата, ги наведе: економски раст, реформи и владеење на правото, изградба и инвестиции со Коридорите 8 и 10.

    „Го охрабрувам премиерот да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата“, рече гостинот, оддавајќи признание за македонската усогласеност со европската заедничка надворешна и безбедносна политика, потенцира Кошта.

    И покрај тоа што премиерот Христијан Мицкоски кажа дека не прифаќа менување Устав без разговор и отстапки од Бугарија за пресудите Европскиот суд за човекови права од Стразбур, како и без гаранции дека нашиот сосед нема да поставува нови барања со кои ќе го нападне македонскиот јазик, претседателот на Европскиот совет кажа дека Унијата нема слух за исполнување такви желби.

    „Да се испорача тоа што беше договорено во 2022. Македонија направи големи напори за да оди напред во приклучувањето кон ЕУ. Мицкоски може да смета на мене и на ЕУ. Ја посетив Бугарија, јасно е што е договорено, нема што веќе да договараме и сега треба да го испорачуваме договореното. Не треба да го потценуваме планот А и треба да се фокусираме на неговото остварување. Знаеме што беше договорено во 2022 и тоа мора да се реализира. Разбирам што зборува премиерот дека го сменивте знамето, името, беше менуван Уставот и сега ви треба гаранција дека веќе нема да има нови барања. Не, не е потребен план Б, само треба да го реализираме планот А“, стави Кошта точка на надежта за некакви гаранции што ги бара Мицкоски.

    Премиерот Мицкоски рече дека не може да се согласи билатералните прашања да бидат внесени во преговарачката рамка, нешто кое го потпишала претходната влада.

    Не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека Уставот ќе биде сменет, а Бугарија да не ги имплементира пресудите на Европскиот суд. Кога ќе имаме чиста позиција од ЕУ и од сите членки во врска со идентитетот и јазикот тогаш ќе разговараме за сè“, кажа Мицкоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира