ПУТИН ГО ПОСЕТИ КУРСК ЗА ПРВПАТ ОД ПРОТЕРУВАЊЕТО НА УКРАИНСКИТЕ СИЛИ, ГИ ОБВИНИ ДЕКА СЕ ОДНЕСУВАЛЕ КАКО НАЦИСТИ

    ПУТИН ГО ПОСЕТИ КУРСК ЗА ПРВПАТ ОД ПРОТЕРУВАЊЕТО НА УКРАИНСКИТЕ СИЛИ, ГИ ОБВИНИ ДЕКА СЕ ОДНЕСУВАЛЕ КАКО НАЦИСТИПутин ги обвини украинските војници за уништување споменици од Втората светска војна (Фото: Кремљ)

    Владимир Путин го посети пограничниот руски регион Курск за првпат откако руската војска ги истера украинските сили по неколкумесечните борби. Кремљ објави видеоснимка од посетата на Путин, при што се сретнал со локални доброволни организации, вклучувајќи членови на Серускиот народен фронт, но не е прецизирано кога се случила.

    За време на посетата, Путин ги обвини украинските војници за уништување споменици од Втората светска војна, опишувајќи ги како „луѓе со неонацистички ставови“.

    „Тие би го освоиле второто место на натпревар за идиоти. Зошто? Затоа што се идиоти. Правејќи го тоа што го прават тие само покажуваат кои се“, кажа Путин.

    Украина ги изненади Русија и светската јавност кога август минатата година покрена офанзива во Курск и за кратко време зазеде територија од 1.370 квадратни километри и околу сто населени места. Киев сметаше дека на овој начин ќе го растовари фронтот во источна Украина зашто Русија ќе мора да префрли сили оттаму, а освоената територија би служела за размена во иднина. Сепак, Русија успеа да ја поврати целата територија по големата противофанзива во март, помогната од илјадници севернокорејски војници.

    Повеќе од 150.000 локални жители биле евакуирани поради украинскиот упад и Путин кажа дека оние кои моментално не можат да се вратат во своите домови ќе добијат компензација од 65.000 рубли (800 долари).

    Путин го посети и градот Курчатов, каде што се наоѓа нуклеарната централа „Курск 2“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира