Јапонскиот министер за земјоделство Таку Ето поднесе оставка поради неговите изјави за оризот кои беа критикувани од гласачите и пратениците. Ето беше во немилост на јавноста откако на политички настан викендов кажа дека никогаш не мора да купува ориз благодарение на подароци од поддржувачите.
„Никогаш самиот не сум купил ориз. Да бидам искрен, моите поддржувачи ми даваат доста ориз. Имам толку многу ориз дома што би можел да го продавам“, рекол Ето на настанот.
Ова беше жестоко критикувано од јавноста, која е веќе лута поради рекордно високите цени на оризот, што се должи на слабата жетва и зголемената побарувачка во туризмот.
„Длабоко жалам за моите изјави. Моите забелешки беа крајно несоодветни во време кога граѓаните страдаат поради високите цени на оризот. Му се извинувам на јапонскиот народ“, кажа Ето, предавајќи ја својата оставка.
Ова е нов удар за владата на премиерот Шигеру Ишиба, која веќе се соочува со слаб рејтинг од 27,4%.