Со 27 милиони денари (околу 440 илјади евра) ќе се прави современ, модерен ин витро центар, најави денеска директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), д-р Ирена Алексиоска-Папестиев.
„ГАК секогаш ги воведувала најновите современи техники, и дијагностички и терапевтски. Во 2000 кај нас е направено првото ин витро и е родено првото ин витро бебе. За жал, 4 години немаше ин витро на нашата Клиника, но од ноември 2024 е почнато повторно да се работи. Во програмата на Владата и Министерството за здравство се одобрени 27 милиони денари за осовременувње на застарената опрема која 15 години не е обновена и се надевам дека по завршувањето на овој проект повторно ќе можеме да ги следиме светските трендови. Тоа е исклучително важно за држава како нашата затоа што за жал на сите ни е јасно дека наталитетот ни е во опаѓање“, рече директорката.
Алексиоска-Папестиев и премиерот Христијан Мицкоски денеска ја најавија реконструкцијата на Клиниката, од 29 милиони денари (околу 470 илјади евра), која ќе биде реализирана до крајот на годината. Според најавите, со овие пари ќе има реконструкција и реновирање на платото пред Клиниката, на чекалните, амбулантите, лабораториите и на специјалистичките кабинети.
Б. НЕСТОРОСКА