Германија распореди војска во друга држава за првпат од Втората светска војна откако започна нејзината постојана воена мисија во Литванија, во рамките на зајакнувањето на источното крило на НАТО во екот на руската агресија врз Украина. Канцеларот Фридрих Мерц го опиша моментот како „почеток на нова ера“, присуствувајќи на воената церемонија во Вилнус по повод востановувањето на германска бригада во Литванија.
Таа во прв момент ќе брои 5.000 војници и овој потег е одговор на руската инвазија врз Украина и притисокот на Доналд Трамп врз сојузниците да инвестираат повеќе во својата безбедност.
„Германија и нејзините партнери од НАТО се спремни да бранат секој сантиметар од територијата на алијансата. Ја преземаме одбраната на источното крило на НАТО во наши раце. Секој кој сака да го предизвика НАТО треба да знае дека ние сме подготвени. Овој ден е почетокот на нова ера. Со штитењето на Вилнус го штитиме Берлин“, кажа Мерц.
Се очекува 10.000 германски војници и членови на нивните семејства да бидат стационирани во Литванија, а бригадата ќе биде во целосен оперативен капацитет до 2027 година. Нејзината цел ќе биде да го штити тесниот коридор Сувалки меѓу руската енклава Калининград и Белорусија, што се смета за главна ударна точка во случај на конфликт помеѓу Русија и НАТО.
Покрај Германија, и Франција, Велика Британија и Канада најавија распоредување свои трупи во трите балтички држави кои се членки на НАТО.