Амазонско племе го тужи „Њујорк тајмс“ поради написот дека неговите членови станале зависни од порнографија откако добиле пристап до брз интернет.
Во тужбата за клевета се вели дека извештајот на весникот го прикажува племето Марубо како „неспособно да се справи со основната изложеност на интернет“ и нагласи дека младите биле обземени од порнографија. Во тужбата, во која како обвинети се именувани и сајтот „ТМЗ“ и „Јаху“, се додава дека нивните вести ги исмеваат младите припадници на племето и погрешно ги прикажуваат нивните традиции.
„Њујорк тајмс“ рече дека нивниот текст не заклучува или не вели дека некој од членовите на племето бил зависник од порнографија.
Марубо, домородна заедница со околу 2.000 луѓе, бара отштета од најмалку 180 милиони долари.
Приказната на „Њујорк тајмс“, објавена лани девет месеци откако Марубо доби пристап до интернетот на „Старлинк“ на Илон Маск, вели дека „племето веќе се бори со истите предизвици што ги мачат американските домови со години“. Ова вклучува тинејџери залепени за телефони, насилни видеоигри и малолетници кои гледаат порнографија, се вели во написот. Во него се наведува дека лидерот на заедницата и гласен критичар на интернетот бил највознемирен од порнографијата и дека му било кажано дека млади луѓе почнале да покажуваат „поагресивно сексуално однесување“.
Една недела подоцна, весникот објави одговор на својот текст со наслов „Не, зафрлено амазонско племе не станало зависно од порнографија“ и во него беше кажано дека повеќе од 100 сајтови низ светот ја пренеле оваа лажна информација.