Судскиот совет со 8 гласа „за“ и 5 „против“ денеска го избра судијата Африм Фидани за нов претседател на Врховниот суд. Досегашната претседателка и негова противкандидатка, судијката Беса Адеми, не ја доби довербата од Судскиот совет по вторпат.
Членовите на Советот продолжија со избор, т.е. унапредување на судии за во Апелациониот суд Скопје. Судијките од Основниот кривичен суд Скопје Марија Клетничка и Оља Ристова беа избрани први, а по нив и претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
По него беше избран Бетим Јахја од Основниот суд Тетово, кој е од првата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители и кому неправедно досега не му беа признавани резултатите како на еден од најобјективните судии во Македонија.
Овие четворица судии одат во кривичниот оддел во Скопска апелација.
Со избор, односно унапредување на судијката Елизабета Настов од Основниот граѓански суд Скопје, Судскиот совет продолжи да го пополнува и граѓанскиот оддел во Апелациониот суд Скопје.
Во овој суд со години фалат судии во сите оддели. Неодамна двајца од кривичниот оддел и една граѓанска судијка, беа избрани за судии во Врховниот суд со што уште толку настана криза за судии во Апелациониот суд Скопје.
Следна за судија во граѓанскиот оддел беше избрана Софија Миленкова од Граѓанскиот суд Скопје. Мирослав Георгиевски, кој во меѓувреме беше избран за претседател на Основниот суд Кратово, не ја доби поддршката, како и судијата Илир Исени од Основен суд Дебар, кој е заменик-директор на Академијата за судии.
Следна за во Апелација беше избрана граѓанската судијка Цветанка Силјановска-Костадиновска.
С. К. ДЕЛЕВСКА