ВО ВЕЛЕС ЛАНИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ЕКОЛОШКИ ПРЕКРШОЦИ ВО ЗЕМЈАВА, НАЈВЕЌЕ ОД ФИРМИТЕ СО „А“ ЕКО ДОЗВОЛА

    ВО ВЕЛЕС ЛАНИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ЕКОЛОШКИ ПРЕКРШОЦИ ВО ЗЕМЈАВА, НАЈВЕЌЕ ОД ФИРМИТЕ СО „А“ ЕКО ДОЗВОЛАВо 34 отсто од извршените инспекциски надзори се утврдени неправилности. (Фото: СДК.МК)

    Во Велес во текот на 2024 година Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) регистрирал најголем број неправилности во земјава, дури 41. Тие биле констатирани при 120 надзори, од нив по 36 редовни и вонредни и 48 контролни. Односно, 34 отсто од извршените надзори утврдиле неправилности.

    „Контролите ги извршиле државните инспектори за животна средина, водостопанство и заштита на природа“, велат од ДИЖС.

    Недостатокот на државен еколошки инспектор во Велешко претходните четири години, придонел 90 отсто од неправилностите да се констатирани при надзори за животната средина во компаниите во општината кои поседуваат „А“ интегрирана дозвола.

    „Најмногу констатирани неправилности имавме поради немање на локален и до неодамна и на државен инспектор за животна средина. Целиот процес за вработување во Општината е одамна сопрен. Изговори се дека нема лица кои би се пријавиле на огласите. Едноставно, нема огласи за да бидат вработувани лица на тие позиции. Како да се сака да се дозволи на загадувачите да ќарат на сметка на здравјето на луѓето“, кажа Стефче Дечев, екоактивист од фондацијата „Импакт“.

    Во поширокиот Велешки Регион, во Градско имало 18 надзори и пет утврдени неправилности, а во Чашка имало 13 со утврдени 4 неправилности.

    После Велес, на листата за најмногу констатирани неправилности се Тетово со 17 од 78 надзори што е 22 отсто, па Кавадарци со 16 од 69 контроли или 23 отсто и Радовиш и Гевгелија со по 12.

    Анализирајќи ги податоците од мерните инструменти на Министерството за животна средина, загадувањето во Велес во периодот 2005-2023 е намалено за 40 отсто. Ова го објави иницијативата „О2“. Според податоците за 2005, просечната годишна концентрација на ПМ10 честички е 80 мг/м3, додека во 2023 е 48,2 мг/м3. Тоа е намалување од 40 отсто. За 2024, Иницијативата вели дека нема доволно податоци за да ја презентира просечната годишна концентрација.

    За овој период од 20 години Велес е на 9. место по загаденосгта на воздухот според просечната годишна концентрација споредено со останатите градови во Македонија. На врвот е Тетово.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира