ПО 2 МЕСЕЦА ОТКАКО БЕШЕ ЗАТВОРЕНА КАКО НЕБЕЗБЕДНА, ВЕЧЕРВА СО ПРЕМИЕРА НА „ЧИСТА КУЌА“ СЕ ОТВОРА ГОЛЕМАТА САЛА ВО ПРИЛЕПСКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА

    ПО 2 МЕСЕЦА ОТКАКО БЕШЕ ЗАТВОРЕНА КАКО НЕБЕЗБЕДНА, ВЕЧЕРВА СО ПРЕМИЕРА НА „ЧИСТА КУЌА“ СЕ ОТВОРА ГОЛЕМАТА САЛА ВО ПРИЛЕПСКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРАЕкипата на претставата „Чиста куќа“ со директорката на Центарот за култура Марија Попова-Јовановска на прес-конференцијата на 29 мај. (Фото: ЦК „Марко Цепенков“)

    Отворена е Големата сала во Центарот за култура (ЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп, која на крајот на март беше затворена поради безбедносни причини. Вечерва во 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул во режија на Тамара Стојаноска.

    На 25 март годинава беше забрането користење на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп зашто Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) утврдила дека е небезбеден за масовни приредби, а по него беа затворени и Големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и киносалата „Мис Стон“ во Прилеп. Објектите беа затворени по извршената контрола од инспектор на Дирекцијата при што биле констатирани слабости со хидрантска мрежа, влезовите, несоодветен громобран и друго.

    Контролите беа направени по барање на Центарот за култура во Прилеп, во чиј склоп опстојува и Театарот, откако Министерството за култура и туризам по пожарот која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени, испрати допис до сите национални установи од областа на културата за целосна проверка на состојбата на објектите.

    На 29 мај, во Центарот за култура на прес-конференција беше најавена премиерата на претставата „Чиста куќа“, а директорката Марија Попова-Јованоска кажа дека „Марко Цепенков“ е „комплетно подготвен и за премиерата и за сите други активности, бидејќи салите се во функција, по санирањето на клучните недостатоци утврдени претходно од Дирекција за заштита и спасување“.

    Како што вели режисерската Стојаноска, „Чиста куќа“ е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.

    „Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување. ‘Чиста куќа’ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност“, се вели меѓудругото во најавата за претставата.

    Играат Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски. Сценографијата е на Филип Коруновски, музички соработник на режисерката: Ана Митоска, а изборот на костими е на Стојаноска во консултација со актерската екипа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира