ВО ТЕТОВО ЕДНО СЕМЕЈСТВО ПЛАЌА ВОДА ЗА УШТЕ ТРИ ДРУГИ КОИ НА ДИВО СЕ ПРИКЛУЧЕНИ ВО ВОДОВОДНАТА МРЕЖА, ПОКАЖА НОВА СТУДИЈА

    ВО ТЕТОВО ЕДНО СЕМЕЈСТВО ПЛАЌА ВОДА ЗА УШТЕ ТРИ ДРУГИ КОИ НА ДИВО СЕ ПРИКЛУЧЕНИ ВО ВОДОВОДНАТА МРЕЖА, ПОКАЖА НОВА СТУДИЈАво датабазата на тетовското Комунално претпријатие има регистрирано околу 22.000 корисници, но реалноста кажува дека има 40.000-50.000 корисници кои се приклучени на водоводната мрежа, но не се регистрирани како потрошувачи на вода. (Фото: СДК.МК)

    За да се справи со постојаниот недостиг од доволни количини вода за пиење во градот, Општина Тетово нарача изготвување физибилити студија која треба да предложи начини како да се подобри снабдувањето со вода за пиење, а воедно и како да се реши деценискиот проблем со дивите приклучоци на водоводната мрежа.

    На јавната презентација на „Студијата за изводливост за дигитална трансформација на водомерните услуги во Општина Тетово“ беше предложено првин да се започне со инсталирање современи водомери кај сите потрошувачи на вода во градот: семејства, индустриски и јавни објекти. Како најповолна опција за да се спроведе ова работа беше предложено јавно-приватно партнерство со фирма која ќе најде интерес да ги постави броилата и да врши наплата за потрошената вода.

    „Студијата предвидува, во нејзината прва фаза, да се изврши ажурирање на регистарот на корисници во Тетово. Денес во датабазата на Комуналното претпријатие има регистрирано околу 22.000 корисници, но реалноста кажува дека има 40 па дури и 50 илјади корисници кои се приклучени на водоводната мрежа, но не се регистрирани како потрошувачи на водата. Но не само тоа, од овие 22.000 регистрирани потрошувачи, помалку од половината редовно плаќаат за потрошената вода. Тоа значи дека една четвртина од градот плаќа вода за другиве три четвртини од потрошувачите“, вели Фатмир Саити, директор на Центарот за развој на Полошкиот Плански Регион и еден од креаторите на физибилити студијата.

    Студијата препорачува формирање јавно-приватно партнерство со фирма која би била заинтересирана да управува и спроведе една ваква обемна работа, бидејќи Општината ни од далеку ги нема потребните човечки и технолошки капацитети самата да ја реализира оваа програма.

    „Предлагаме, а тоа е и препорака на судијата, да се најде приватен партнер што ќе може да најми таков кадар, кој има знаење, освен за инсталацијата на самите водомери, знаење и за поставувањето на модули, поставување мрежа и нејзино поврзување. Сето ова бара експертиза во области што се претежно технолошки и што се скапи во пазарот на труд. Таков кадар Општината тешко може да обезбеди и затоа е потребно јавно-приватно партнерство. Студијата препорачува во домаќинството да се постават механички водомери со модули за дигитално отчитување од далечина, додека во индустријата, бизнисите и кај институциите, да се постават електромагнетни модули кои исто така би се отчитувале од далечина. Во ваквиот случај ќе нема потреба од инкасанти кои би ги читале водомерите“,

    Во студијата се вели дека ако се реализира оваа прва фаза со поставување броила кај сите корисници, тоа дава одржливост на проектот и добра основа во наредниот период да се побараат средства од ИПА фондовите во ЕУ со кои би се финансирале и другите фази, како што се целосна замена на и онака дотраената водоводна мрежа во градот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира