Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека ќе поддржи Македонија-една изборна единица, откако денеска претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов до Собранието ги поднесе измените на Изборниот законик. Но, премиерот бара да гласа и дијаспората.
„Треба да го видам законот. Но, ако принципиелно зборуваме за една изборна единица, ние со Законот за локална самоуправа ја игнорираме дијаспората и тоа го кажав во Парламентот, бидејќи беше поставено пратеничко прашање. Јас еве дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Принципиелно како ВМРО-ДПМНЕ реков и еве ќе повторам пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ние ќе поддржиме една изборна единица во која што право ќе имаат да гласа и дијаспората, бидејќи беше адресирано така што ние како Влада некое право оспоруваме, а тоа беше правото на дијаспората да гласа. Тоа беше мојот одговор, да бидеме прецизни“, рече Мицкоски денеска по повод јубилејот за 80 години на Државниот завод за статистика.
Мицкоски смета дека тоа треба да биде готово за следните парламентарни избори, значи по 3 години.
Трајанов смета дека ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на еднопартискиот систем на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и на законодавната власт.
„Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број на гласач, а не како досега во изборна единица шест пратеник да се бира со 6.300 гласа, а во изборна единица три да се бира со 10 илјади гласа. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во Парламентот ако имаат поддршка од гласачи потребни за пратеник“, кажа Трајанов.
И ЛДП најави дека денеска ќе поднесе предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Портпаролот Љубен Аврамовски вчера изјави дека ЛДП дава силна поддршка за воведување на една изборна единица со отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Додаде и дека ова не е нова иницијатива за ЛДП, но за жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка.
С. К. ДЕЛЕВСКА