Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска до Собранието поднела Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа, со кој предлага да се укиннат царините кон САД. Министерството и владата очекуваат реципрочен однос, т.е. и администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги намали покачените царини за производи увезувани од Македонијна.
„Со измените предложивме и целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат во нашата земја од САД. На ваков начин, како што рече, сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена. Америка е стратешки партнер на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект, поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес“, рече на денешната прес-конференција Димитриеска–Кочоска.
- ЦАРИНИТЕ ОД САД СЕ РЕЗУЛТАТ НА ГРЕШКА, ОЧЕКУВАМ ДА СЕ КОРИГИРААТ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
- ТРАМП ВОВЕДЕ ЦАРИНА ОД 33 ОТСТО ЗА УВОЗОТ ОД МАКЕДОНИЈА
Владата нa последната седница усвои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа со кои се врши и намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија.
„Предлогот е веќе испратен на усвојување во Собранието со цел пониските царински стапки да почнат да се применуваат од 1 јули 2025 година, односно од наредниот месец. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија“, кажа министерката.
Со измените, од први јули се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ. На пример, ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, по измени стапката ќе се намали на 15 отсто.
„Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. Така, од први јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија“, рече Димитриеска – Кочоска.
С. К. ДЕЛЕВСКА