Речиси 1,5 милиони денари (над 24 илјади евра) се собрани од донациите преку хуманитарните трки и уметничката аукција, на настаните во мај организирани од Европската куќа во Македонија, а собраните средства се префрлени на сметката на Црвениот крст, која е наменета за поддршка на настраданите од трагедијата во Кочани. Во пожарот на 16 март во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.
„Над 3.300 учесници во седум града се обединија во солидарност, собирајќи речиси 1,5 милиони денари донации на настани организирани во текот на месец мај по повод 9 мај – Денот на Европа. Оваа година, одбележувањето на Денот на Европа беше посветено на поддршка на жртвите и повредените од трагедијата во Кочани преку низа активности што ги организираше Делегацијата на Европската Унија и мрежата Европска куќа. Во знак на поддршка, граѓаните трчаа на хуманитарни трки и учествуваа на аукции со дела на домашни уметници, искажувајќи ја својата хуманост и солидарност како со семејствата на настраданите, така и со целата заедница во градот Кочани“, велат од Европска куќа.
Оттаму велат дека Европската Унија со голема посветеност ја продолжува и долгорочната психосоцијална поддршка за погодените од пожарот во дискотеката во Кочани. Во рамките на таа поддршка, во соработка со Шведската амбасада, најавена е и посета на делегација од шведскиот град Гетеборг, која ќе ги сподели своите искуства за справување со колективна траума по сличната трагедија што се случи во овој град, во 1998 година.
За време на приемот по повод Денот на Европа 2025, на 8 мај, во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје – во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) беше поставена и уметничка изложба на која „домашни уметници несебично донираа свои дела кои беа ставени на продажба со една единствена цел – собирање средства за помош на настраданите од трагедијата во Кочани“.
Хуманитарните трки како главен настан се одржаа на 25 мај, кога во седум града низ земјата (Скопје, Битола, Велес, Тетово, Струмица, Струга и Крива Паланка) се трчаше за Кочани. Според официјалните податоци, на трките „Сите за Кочани. Трчаме заедно.“ беа пријавени над 3.300 учесници. Учесници на дел од трките беа и претставници од амбасадите на земјите-членки на Европската Унија.