Доналд Трамп потпиша указ со кој им забрани на државјаните на 12 земји да патуваат во САД, велејќи дека тоа е потребно за заштита од странски терористи и други безбедносни закани. На листата земји се најдоа Авганистан, Мјанмар, Чад, Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Хаити, Либан, Иран, Сомалија, Судан и Јемен.
Делумна забрана за влез во САД е воведена за Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
„Отсега ќе им дозволиме влез во земјата само на луѓето кои не сакаат да нѐ повредат“, кажа Трамп, додавајќи дека листата ќе биде ревидирана и нови држави ќе бидат приклучени кон забраната.
Указот стапува во сила на 9 јуни, а визите издадени пред тој датум нема да бидат поништени.
Во својот прв мандат Трамп воведе ваква забрана за седум држави со мнозинско муслиманско население, што помина низ неколку измени, пред да биде укинато од Врховниот суд во 2018. Неговиот претходник Џо Бајден во 2021 забрани влез во САД за граѓаните на Иран, Либија, Сомалија, Сирија и Јемен.
„Земјите за кои важат најстрогите ограничувања дозволуваат големо присуство на терористи, немаат способност да го потврдат идентитетот на патниците и не водат соодветна евиденција на луѓето со криминално минато. Не можеме да имаме отворена миграција од земјите каде што не можеме сигурно да ги провериме оние кои сакаат да влезат во САД“, рече Трамп.
Тој потсети на последниот инцидент во Колорадо, каде што египетски државјанин фрли молотови коктели врз произраелски собир.
Забраната нема да се однесува на големите спортски натпреварувања што ќе се одржуваат во САД во следните години, како Светско фудбалско првенство во 2026 и Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028.