Над 15 граѓански организации и иницијативи заедно поднесоа формална претставка до Владата, барајќи итна акција за повторно прогласувње и заштита на Националниот парк „Маврово“ во согласност со законските одредби.
Тие изразуваат загриженост поради долгиот процес на трансформирање на НП „Маврово“ според постојното законодавство и меѓународните стандарди. Тврдат дека сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој.
„Потенцијалните донатори се подготвени да ги финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување по усвојувањето на План за управување. Отсуството на таков план спречува финансиска поддршка и одржливо управување со ресурсите, загрозувајќи го еден од најстарите паркови во Европа“, велат од Центарот за истражување и информации за животната средина „Еко-свест“.
Организациите велат дека не се донесени Законот за репрогласување на НП „Маврово“ и План за управување со него, пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но не се санкционирани, приближно 80% од финансирањето на јавната установа Национален парк „Маврово“ доаѓа од сеча и забележан е пад на популациите на заштитените животински видови во паркот.
Во претставката, исто така, се наведува дека Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на Националниот парк „Маврово“, а непочитувањето на овие препораки претставува кршење на меѓународното право.