Испокинати полиетиленски платна, свиени шипки, уништени посеви со пиперката куртовска капија, останаа во атарот на струмичкото село Муртино кон населеното место Еднокуќево, по невремето проследено со силен ветар и дожд што вчера ги зафати овие две места. Земјоделците денеска уште рано наутро ги санираа штетите и се обидуваа колку-толку да го спасат засеаните површини со пиперка која беше во фаза на цутење.
Цело поле е со уништени пластеници, а земјоделците по кал работеа да ги приспособат и заштитат засеаните површини.
„Тоа беше страшно. Ветрот корнеше. Сите 25 фолии засеани со црвена пиперка на околу половина хектар отидоа во неповрат. Штетите се огромни. Нема нива без оштетен пластеник. Не сум убеден дека ќе спасиме нешто од засеаните пиперки, но мора да се обидеме“, вели Панчо Крстев од Муртино.
Земјоделците бараат помош од државата. Велат итно да излезе на терен општинската комисија и да изврши проценка на штетите, оти освен по пластениците штети има и на посевите.
Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов ги повика земјоделците од понеделник да ги пријавуваат штетите.
„Обилните врнежи предизвикаа сериозни штети во Муртино. Како Општина веднаш формиравме Комисија за проценка и ги повикуваме засегнатите жители и земјоделци од понеделник да ги пријават штетите во општинската зграда“, напиша Костадинов на својот фејсбук профил и ја повика Владата за 100 процентно обештетување, оти помалку ќе биде само навреда на земјоделците од Муртино.
Пред еден месец, невреме проследено со дожд и град имаше во општините Василево и Босилово. Таму 100 земјоделци пријавија штети до општинските комисии кои извршија проценка. Тие треба да изработат елаборати со штетите кои ќе се најдат пред советниците. Откако Советот ќе даде зелено светло, земјоделците обештетувањето ќе го чекаат од Владата откако позитивно ќе се изјасни и републичката комсиија за штети од елементарни непогоди.
В. ТРАЈКОВ