Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека Израел ги вооружува клановите во Газа, за кои вели дека се против Хамас. Тој се огласи откако израелските медиуми цитираа извори од одбраната дека Нетанјаху одобрил давање оружје на една група од југот на Газа.
Неколкумина политичари го обвинија Нетанјаху дека ја загрозува израелската безбедност.
„Што не е во ред со ова? Тоа ги спасува животите на израелските војници, а објавувањето само му помага на Хамас“, вели Нетанјаху во видео објавено на Икс.
Израелските медиуми објавија дека Израел доставува оружје за клан во Газа предводен од Јасер Абу Шабаб. Групата, која некои ја гледаат како милиција или криминална банда, се претстави како опозициска сила на Хамас. Таа вели дека нејзината цел е да ги заштити камионите што носат помош во Газа, но критичарите велат дека место тоа, ги ограбува.
Извори од израелската одбрана претходно им потврдија на локалните новинари дека обвинувањата на опозицискиот политичар Авигдор Либерман се точни. Либерман тврдеше дека Нетанјаху еднострано одобрил трансфер на оружје на кланот на Абу Шабаб.
„Израелската влада ѝ дава оружје на група криминалци и престапници, која се идентификува со Исламска држава. Според моите сознанија, ова не добило одобрение од кабинетот“, кажа Либерман.
Кланот дејствува во Рафа, во област под контрола на израелската војска.
Од Хамас рекоа дека активностите на Абу Шабаб станале проблем, додавајќи дека почнале да убиваат членови на кланот.