Доналд Трамп и Илон Маск, сепак, нема да разговараат телефонски денеска, како што претходно беше најавено од Белата куќа, како обид да се смират страстите по нивната јавна расправија, што се одвиваше главно преку социјалните мрежи. Трамп притоа се закани дека ќе ги откаже федералните договори на Маск, а тој повика претседателот да биде отповикан.
Иако претходно беше кажано дека тие ќе разговараат денеска, без да се наведе во кое време, функционер од Белата куќа изјави дека тоа не е планирано за денеска.
Во интервју со Еј-Би-Си, Трамп изјави дека не е особено заинтересиран да разговара со Маск денеска, велејќи дека тој е човек кој го изгубил умот.
Акциите на „Тесла“ денеска паднаа за 14%, губејќи 150 милијарди долари од пазарната вредност.
Маск вложи 250 милиони долари во кампањата на Трамп и потоа стана еден од неговите најблиски советници и шеф на Одделот за владина ефикасност, кој ги предводеше напорите за намалување на администрацијата и сојузните трошоци.
Вербалниот дуел започна откако Трамп во Белата куќа кажа дека е разочаран од критиките на Маск за новиот закон за буџетот. Тие потоа разменија закани и навреди преку своите социјални мрежи.
„Илон и јас имавме одличен однос, не знам дали и натаму ќе го имаме“, почна Трамп вчера, на што Маск му возврати дека е неблагодарен зашто без него тој немаше да победи на изборите.
Во друга објава на Икс, Маск кажа дека новите царини ќе предизвикаат рецесија во САД подоцна оваа година.
„Најлесниот начин да се заштедат пари е да се раскинат владините договори и субвенции за Маск“, порача Трамп.
Маск го почна спорот со Трамп кога оваа недела кажа дека „новиот, прекрасен закон“ за буџетот само ќе го зголеми дефицитот, против што се бореле. Непартиски аналитичари сметаат дека законот ќе додаде 2,4-5 трилиони долари на националниот долг од 36,2 трилиони долари.