УАПСЕН БИЗНИСМЕНОТ РИСТО КРМЗОВ И УШТЕ ДВЕ ЛИЦА, СЕ СОМНИЧАТ ЗА ДАНОЧНА ИЗМАМА И ЗЛОУПОТРЕБИ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА

    УАПСЕН БИЗНИСМЕНОТ РИСТО КРМЗОВ И УШТЕ ДВЕ ЛИЦА, СЕ СОМНИЧАТ ЗА ДАНОЧНА ИЗМАМА И ЗЛОУПОТРЕБИ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРАПовеќе детали за кривичните дела и дејствијата, Обвинителството најави дека ќе соопшти на брифинг закажан за утре. (архивска фотографија)

    Полицијата утринава по налог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го приведе струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов. Заедно со него, обезбедени се уште две други лица во рамки на истрага за злоупотреби и затајување данок, каде штетата се проценува на околу 15 милиони евра.

    Од Обвинителството потврдија дека акцијата е резултат на предистражна постапка отворена за Крмзов уште во септември минатата година.

    „Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници реализираа акција во која е обезбедено лице за кое во септември минатата година беше отворена предистражна постапка. Освен ова лице обезбедени се уште две други лица“, соопштија од ОЈО ГОКК.

    И од Министерството за внатрешни работи го потврдија апсењето, наведувајќи дека лицето Р.К. е лишено од слобода по насоки од надлежен јавен обвинител. Повеќе детали за кривичните дела и дејствијата, Обвинителството најави дека ќе соопшти на брифинг закажан за утре.

    Претходно, во септември 2023, беше спроведена голема акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар, при што беа приведени четири лица. Државниот јавен обвинител тогаш кажа дека е оформен предмет за даночна измама и перење пари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира