ИЗРАЕЛ ИЗВЕДЕ НОВИ НАПАДИ ВРЗ ИРАН, ТРАМП КАЖА ДЕКА СЕ ОДЛИЧНИ И СÈ ЗНАЕЛ ОДНАПРЕД

    ИЗРАЕЛ ИЗВЕДЕ НОВИ НАПАДИ ВРЗ ИРАН, ТРАМП КАЖА ДЕКА СЕ ОДЛИЧНИ И СÈ ЗНАЕЛ ОДНАПРЕДИзраел кажа дека денешните напади се само почеток на продолжена операција која треба да го спречи Иран да произведе атомско оружје (Фото: Гети)

    Израел објави дека лансирал нов бран напади врз Иран, повеќе од 12 часа откако ја започна операцијата „Исправен лав“, кога биле погодени десетици нуклеарни и воени мети. Израелските воздушни сили кажаа дека попладнево се гаѓаат ракетни лансери и инфраструктура за лансирање дронови во Иран, при што се слушнале експлозии во Техеран и околните области и кај нуклеарниот локалитет Фордов, каде што се врши збогатување ураниум 100 метри под земја. Израел соопшти дека ја нападнал и нуклеарната постројка во Исфахан, велејќи дека е уништена тамошната инфраструктура.

    Иранските државни медиуми објавија дека во првите напади врз станбените области на Техеран загинале 78 луѓе, а 329 се ранети. Загинале и најмалку 20 воени заповедници и шестмина нуклеарни научници.

    Доналд Трамп кажа дека израелскиот напад бил одличен и многу успешен, но не е загрижен дека на Блиски Исток би можела да почне поширока војна.

    Знаевме сѐ за израелските планови за напад врз Иран. Се обидовме да го спасиме Иран од смрт и понижување. Многу сакав да склучиме договор и сѐ уште не е доцна за тоа. Не сум сигурен дека Иран сѐ уште има нуклеарна програма по денешните напади“, изјави Трамп.

    И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека САД однапред биле известени за планираните напади.

    Тие знаеја за нападот. Што ќе сторат понатаму? Тоа му го оставам на претседателот Трамп. Тој беше јасен дека Иран не може да има нуклеарно оружје и не може да збогатува ураниум“, изјави Нетанјаху, откривајќи дека операцијата била планирана од ноември 2024.

    Мохамад Пакпур, кој денеска беше назначен за нов шеф на Иранската револуционерна гарда по убиството на Хосеин Салами, кажа дека Израел ќе се соочи со болна и горчлива судбина со огромни и уништувачки последици.

    Израел кажа дека денешните напади се само почеток на продолжена операција која треба да го спречи Иран да произведе атомско оружје, при што се повикани десетици илјади војници како дел од подготовките за одбрана и напад.

    Иранската нуклеарна програма не може целосно да се уништи со воена акција, но таа може да создаде услови за склучување долгорочен договор“, изјави израелскиот советник за национална безбедност Цахи Ханегби.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира