Во скопската Зоолошка градина почина мајмунка од видот сијаманг, соопштија од Зоолошката, додавајќи дека точните причини за смртта ќе ги објават откако ќе ги добијат официјалните резултати од обдукцијата направена од стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина.
Веста за смртта на мајмунката првично ја објави пратеникот Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека женката била бремена и дека тајно била носена во приватни ветеринарни ординации.
Од Зоолошката денес ги демантираат шпекулациите дека женката сијаманг била бремена во моментот на угинување.
„Животните од скопската Зоолошка добиваат ветеринарен третман веднаш штом се појави било каков прв симптом или аларм дека можеби се болни или имаат некаква повреда. Нивната благосостојба постојано будно се следи од страна на вработените во Скопје ЗОО, а благодарение на Факултетот за ветеринарна медицина имаме пристап до најсовремено лекување, дијагностицирање и третман на животни. За жал, како и кај луѓето, така и кај животните, не секогаш може да се избориме со некои заболувања, иако се преземени сите можни здравствени мерки“, вели во соооштението Зоолошката.
Сиjаманг спаѓа во групата човеколики мајмуни и е најкрупен мајмун од фамилијата гибони. Карактеристичен е по тоа што два прста на секоја дланка се споени меѓу себе, по гласното врескање и јаките фамилјарни врски. Женката е доминатна, а мажјакот (кој е покрупен) и младите (најчесто 1-2) секогаш се во нејзина близина.
Во февруари годинава во скопската Зоолошка градина угинаа седум берберски овци. Изминативе две години во скопската ЗОО угинаа лавот Жика, слоницата Дуња, сибирската тигрица Надја и жирафите Каспер и Флопи.