Нови сателитски снимки до кои дојдоа финските медиуми покажуваат дека Русија зимоска започнала со обемни градежни работи во затворен воен град близу границата со финскиот регион Лапонија. Во гарнизонот Лупче-Савино, кој е дел од градот Кандалакша, се вршеле големи ископувања и биле изградени неколку згради.
Според регионалните власти на Мурманск, овој воен град се гради за нова артилериска бригада и нејзиниот персонал, а планирано било тука да се стационира и дел од инженерска бригада. Во изминатите години, руската војска ја користела областа само како складиште.
Во исто време, Русија продолжила со воените подготовки во Петрозаводск, најголемиот град во Република Карелија.
Според финскиот воен експерт Марко Еклунд, обемот на градежните активности покажува дека Русија сака да го зајакне своето воено присуство во регионот, две години откако Финска стана членка на НАТО.
„Ако единствената цел на Русија била да испрати трупи во Украина, секако немаше да има потреба од толкава инфраструктура близу Финска“, изјави Еклунд.
Тој процени дека Русија планира да доведе над 2.000 војници во гарнизонот, оддалечен 110 километри од финската граница. Според градежниот план, во оваа област ќе се изградат уште десет згради, што треба да бидат завршени следната година.