Досега, во битолските основни училишта за престојната учебна година запишани се 219 првачиња помалку од лани. Според официјалните бројки од Општина Битола, во учебната 2025/2026 година, во 12 основни училишта се запишани 548 првоодделенци, а лани нивниот број до октомври стигнал до 767. Од Општина велат дека е рано да се каже конечна бројка зашто има првоодоенелнци кои се запишуваат и на почетокот од септември.
Според досегашната евиденција, најмалку проодделенци има во основните училишта во руралните средини, но и во централни училишта во градот. Така, 10 првачиња се запишале во Основното училиште „Александар Турунџев“ во село Кукуречани, 24 во „Кирил и Методиј“ во центарот на Битола, а по 30 во „Ѓорѓи Сугарев“ каде претежно има ромски ученици од градот и во „Крсте Петков Мисиров“ во село Бистрица.
Најмногу првачиња ќе има во училиштата кои ги опфаќаат реоните на населбите Нова Битола и Педагошка. Во Основното училиште „Климент Охридски“ запишани се 94, а во „Елпида Караманди“ 65.
Досегашните бројки покажуваат драстично намалување на бројот на првооделенци во споредба со оние од лани и преклани. Во 2024 имаше 39 првачиња помалку од 2023 година, кога до почетокот на учебната година бројката се имаше искачено на 806.
За една деценија Битола, која според последниот попис е трета општина по број на население во државата, изгубила над сто, па и повеќе првачиња. Во учебната 2013/2014 година биле 863 првачиња. Така што, дури и да се зголеми бројот на првооделенци со дозапишувањето по први септември, и тој да стигне како минатогодишниот, за што нема реални изгледи, сепак разликата ќе биде над сто.
Општина Битола продолжува со реализација на финансиската поддршка за учениците од прво одделение, со која секое прваче добива 3.000 денари, како поддршка во подготовките за наставниот процес. Намалениот број на ученици само го потврдува фактот дека градот е соочен со силен бран на иселување.
Училиштата во градот во 2023 година броеле 7.477 основци, што било за 112 помалку од пред десет години кога биле 7.589. За да не се затвораат паралелки, а со тоа да згаснуваат училишта, деветта година по ред Советот на Општина Битола по барање на школите даде согласност да се формираат паралелки со помалку ученици од законски дозволениот минимум, кој е 24. Така, во строгиот центар на градот има паралелки со 8, 10 или 11 ученици.
Ж. ЗДРАВКОВСКА