Иранско-израелската воздушна војна влегува во својата втора недела и европски функционери денеска ќе се обидат да го вратат Иран на преговарачка маса, откако Доналд Трамп ја одложи одлуката за вклучување на САД во нападите врз иранските нуклеарни постројки.
Израел ги почна нападите врз Иран минатиот петок, тврдејќи дека сака да го спречи да развие нуклеарно оружје. Иран му возвраќа со ракетни удари, како што беше случај и ноќеска.
Според организацијата Активисти за човекови права, во досегашните израелски напади загинале најмалку 639 луѓе, додека во Израел има 24 мртви. Израел го обвини Иран дека намерно напаѓа цивилни цели, користејќи касетна муниција.
„Дали го напаѓаме Иран за да го урнеме режимот? Тоа не е цел, но би можело да биде резултат. Иранскиот народ треба да се крене за да се избори за својата слобода“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во услови кога ниедна страна не покажува знаци на повлекување и попуштање, министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија и Европска Унија денеска во Женева ќе се сретнат со иранскиот шеф на дипломатијата Абас Аракчи, во обид да се деескалира конфликтот. Во одделни разговори со своите колеги од Австралија, Франција и Италија, американскиот државен секретар Марко Рубио повторил дека на Иран не смее да му се дозволи да има нуклеарно оружје.
„Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џинпинг го осудија Израел и се согласија дека е потребна деескалација“, соопшти Кремљ.
Улогата на САД останува нејасна. Специјалниот пратеник на Трамп за Блиски Исток, Стив Виткоф, неколкупати разговарал со Аракчи во изминатите денови, велат извори. Белата куќа кажа дека Трамп ќе присуствува на денешниот состанок на Советот за национална безбедност.