Основачот и извршен директор на популарната апликација за пораки Телеграм, Павел Дуров, кажа дека е татко на повеќе од 100 деца.
„Клиниката каде што почнав да донирам сперма пред 15 години за да му помогнам на пријател ми кажа дека со моја помош биле зачнати повеќе од 106 бебиња во 12 држави. На сите нив ќе им го поделам моето богатство“, изјави Дуров за француското списание „Ле Поинт“.
Богатството на Дуров, кој вели дека официјално е татко на шест деца со три партнерки, се проценува на речиси 14 милијарди долари.
„Сите тие се мои деца и ќе ги имаат истите права. Не сакам да се растргнуваат еден со друг откако ќе умрам“, рече 40-годишниот Дуров.
Сепак, тој појасни дека ниедно од децата нема да има пристап до неговите пари уште 30 години.
„Сакам да живеат како нормални луѓе, да изградат свои бизниси, да научат да си веруваат на себеси, да бидат способни да создаваат, а не да бидат зависни од банкарска сметка. Го напишав тестаментот уште сега зашто мојата работа вклучува ризици. Одбраната на слободите ви носи многу непријатели, вклучително и во моќни држави“, рече Дуров, кој е роден во Русија.
Неговата апликација Телеграм денес има повеќе од милијарда активни корисници месечно. Дуров лани беше уапсен во Франција под обвинение дека не успеал да спречи криминални активности на апликацијата, поврзани со трговија со дрога, сексуално злоставување деца и измама.