ВО ВЕЛЕС ЌЕ ИМА 101 ПРВАЧЕ ПОМАЛКУ ОД ЛАНИ

    ВО ВЕЛЕС ЌЕ ИМА 101 ПРВАЧЕ ПОМАЛКУ ОД ЛАНИОд годинава нема да се дозволи префрлање на ученици од цел град, кон две училишта, за каде имаше најголем интерес за упис. (Фото: СДК.МК)

    Од 1 септември во прво одделение во седумте велешки основни училишта, треба да бидат запишани 556 првачиња. Ова е податокот кој СВР Велес го има за бројот на првоодделенци. Тоа е за 101 прваче помалку од лани.

    На училиште оваа година тргнуваат децата родени во 2019, а таа година се родиле во велешко 600 бебиња. Пет години подоцна, досега, родени се педесетина деца помалку.

    И оваа бројка од 556 првоодделенци од Велешко не е конечна, бидејќи до почетокот на учебната 2025/26 година, до 1 септември има два и пол месеца и толку период и можност, бројката дополнително да опадне. Од годинава посебно ќе се почитува реонизацијата. Нема да се дозволи префрлање на ученици од цел град, кон две училишта, за каде имаше најголем интерес за упис, во ОУ „Блаже Конески“ или ОУ „Св. Кирил и Методиј“. Изминатите години тоа беше редовна појава и трка на родителите, по место за нивните деца во овие две школи.

    „Училиштето е должно да ги прифати сите ученици кои припаѓаат таму по адреса на живеење. Има одредени слуачи кога во соодветниот реон ученикот не може да следи настава на мајчин јазик, или доколку постои документација со која што ќе се утврди потреба од здравствено или психосицијално образование. Но, и треба да има слободно место во тоа училиште. Со ова се очекува да се намали навалицата на родителите нивните деца да учат во одредени училишта“, кажа Верица Тодоровска-Дацева, раководителка на сектор во Општина Велес.

    Уписот на идните првачиња започна од 2 мај и требаше да трае до 30 мај. Но, родителите од различни причини тактизираат, не одат на задолжителен систематски преглед, не сакаат детето да се вакцинира со задолжителна МРП вакцина, доцнат со прегледот кај стоматолог, што е евидентно на децата од руралните средини, па докторите од овие две служби најавуваат дека ќе работат со децата за упис во прво одделение до средината на август.

    Во центарот на регионот на Азот, училиштето во Богомила, населено место кое до 2005  беше општина, годинава училиштето нема да прими првоодделенец, нема дете на оваа возраст.

    Миинистерката за образование и наука Весна Јаневска на 11 јуни рече дека минатата година недостасуваа 17 илјади ученици и студенти кои се иселени во последните 7 години.

    Лани во септември, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави анализа за намалување на бројот на ученици во основното и во средното образование. За една декада, бројот на ученици е помал за 27.000, според податоците на анализата на невладината организација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира