Основното јавно обвинителство Охрид бара притвор за 21-годишниот возач кој возејќи без дозвола синоќа излета од улицата Туристичка во Охрид и на тротоар прегази 44-годишна жена, а тешко повреден беше нејзиниот партнер. Притвор се бара и за 18-годишниот сопственик на колата, кој бил сопатник. Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 2 лица за Тешки дела против безбедноста на луѓето имотот во сообраќајот од член 300 став 2 од Кривичниот законик.
„Првиот осомничен го извршил делото со директно загрозување на безбедноста во сообраќајот, односно во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал автомобил ‘фолксваген голф’ без да поседува возачка дозвола и со брзина неприспособена на својствата и состојбите на патот. Поради тоа 21-годишникот изгубил контрола над возилото, навлегол на кружниот тек преминувајќи преку средишниот остров, возел надвор од коловозот и удрил во метален столб – канделабра на тротоарот. Потоа продолжил да се движи по тротоарот каде налетал на двајца пешаци и конечно удрил во бетонска ограда. Во несреќата била повредена пешакот Александра Божиноска која починала на лице место, додека кај другиот пешак биле предизвикани тешки телесни повреди“, соопшти Обвинителството.
Истрага е поведена и за сопатникот во автомобилот „фолксваген голф“, 18-годишен сопственик на автомобилот. Тој делото го сторил загрозувајќи ја безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство, односно во врска со член 298 став 1 од Кривичниот законик.
„Иако бил свесен дека поради неговото постапување може да настапи штетна последица, односно дека неговиот другар не поседува возачка дозвола и може тешко да ја загрози безбедноста на сообраќајот и да го доведе во опасност животот на луѓето, вториот осомничен му го дал возилото во негова сопственост да го управува“, вели Обвинителството.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител предложи мерка притвор за двајцата осомничени.