НЕ Е Е СТРАШНА СМРТТА, СТРАШЕН Е ОВОЈ ЖИВОТ БЕЗ ДЕЧИЊАТА, РЕЧЕ ТАТКО НА МАРШОТ ЗА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

    НЕ Е Е СТРАШНА СМРТТА, СТРАШЕН Е ОВОЈ ЖИВОТ БЕЗ ДЕЧИЊАТА, РЕЧЕ ТАТКО НА МАРШОТ ЗА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ„Прашајте нѐ како живееме. Треба да се плашите за иднината на вашите деца“, рече таткото чиј син единец загина во пожарот во диското „Пулс“. (Фото: Принтскрин од видео)

    Повикувам на масовност, јас марширам на секој марш, за кого марширам, изгубив едно дете што го имав. Да маршираме за спас за сите деца, рече денеска на маршот во Кочани татко на момче кое загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март. Загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

    „Треба да го преплавиме градот. Од што се плашите? Не се плашете. Смртта не е страшна. Страшен е овој живот што го живееме сега, ни отидоа дечињата. Прашајте нѐ како живееме. Треба да се плашите за иднината на вашите деца“, рече таткото.

    Родителите како и секоја сабота маршираа низ градот, со слики од децата на градите, со свирежи против институциите. Побараа одговорност од МВР, како и средба со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

    „Министре Тошковски, сѐ уште ни должите одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола кој воопшто не смеел да работи, немал ни лиценца, ни дозвола“, беше едно од прашањата кои ги прочита мајка на загинато дете.

    На 19 јуни, во Кочани, родителите имаа затворена средба со обвинители, по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинтел Љупчо Коцевски, а за што на минатиот 10. „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите. Тие бараат одговори и објаснување од надлежните кај кого е лоцирана одговорноста за трагедијата како и поконкретни информации за постапката и покренатото обвиниение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.

    Државениот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни кажа дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за Тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри. Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица.

    В. д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски синоќа во видео на Фејсбук во кое седнува во пицерија која се наоѓа во станбен објект и е дивоградба, и укажува дека се пуши во затворен простор, има приклучок за струја во објект кој е дивоградба, има само еден тоалет и за мажи и за жени, и има две кујни како посебни објекти, од кои едната нема тоалет. Крстевски повторно повика повеќе институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот пазарен инспекторат, ЕВН, да постапуваат согласно пријавите за дивоградби.

    Од Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ соопштија дека во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки „атрауман силикон“  со вкупно 4.070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените во пожарот. Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија.

    Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира