Најмалку седум луѓе загинаа во ноќешниот руски напад со дронови и проектили врз киевскиот регион. Министерот за внатрешни работи Игор Клименко кажа дека биле погодени станбени области, болници и спортска инфраструктура. Оштетен е и влез во подземната железница, каде што жителите на Киев се засолнуваат од напади.
„Најмалку шестмина загинаа откако беше погодена висококатница во Киев“, изјави градоначалникот Витали Кличко, додавајќи дека има и 19 ранети во градот.
Русија ги засили воздушните напади врз Украина во изминатите недели. Минатиот вторник, во Киев загинаа 28 луѓе, а над 100 беа повредени.
Украинските воздушни сили објавија дека во последниот напад Русија лансирала 352 дронови и 16 проектили кон Украина, најголем дел во правец на киевскиот регион.