ЗА ПЕТПАТИ Е НАМАЛЕНА ПОПУЛАЦИЈАТА ЗМИИ-РИБАРКИ НА ЗМИСКИОТ ОСТРОВ ВО ПРЕСПА, ВЕРОЈАТНО СЕ ДАВАТ ВО РИБАРСКИТЕ МРЕЖИ, ВЕЛАТ ОД МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО

    ЗА ПЕТПАТИ Е НАМАЛЕНА ПОПУЛАЦИЈАТА ЗМИИ-РИБАРКИ НА ЗМИСКИОТ ОСТРОВ ВО ПРЕСПА, ВЕРОЈАТНО СЕ ДАВАТ ВО РИБАРСКИТЕ МРЕЖИ, ВЕЛАТ ОД МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВОНамалена е популацијата на змијата рибарка на островот Голем Град во Преспанското Езеро (Фото: Преспа нет)

    Значително е намалена популацијата на змијата-рибарка на островот Голем Град во Преспанското Езеро, по која го има добиено името Змиски Остров, рекоа од Македонското еколошко друштво (МЕД). Стручни лица од МЕД, заедно со нивни колеги од Биолошкиот факултет во Белград, Србија и Центарот за биолошки истражувања во Шизе, Франција, го спроведоа редовниот теренски мониторинг на змии и други влекачи на островот.

    Истражувањето покажа дека ако во доцните 2000-ти и раните 2010-ти години кога популацијата на рибарките се проценувала на близу 25.000 возрасни единки, денес таа е значително намалена на нешто повеќе од 5.000.

    „Овој пад најверојатно се должи на рибарските мрежи во кои тие лесно се дават, а за жал, редовно се поставуваат околу островот. Новиот план за управување за Преспанското Езеро исцртува зона за строга заштита во водите околу Голем Град, односно истото зонирање што го има самиот остров во рамките на Националниот парк ‘Галичица’. Се надеваме дека наскоро ќе може да се спроведува редовна контрола на активностите кои се дефинирани како забранети во овој дел од Езерото“, велат од МЕД.

    Во последните три години, на терен популациите на рибарките изгледаат навидум подобрени, но останува анализите да го потврдат тоа со продолжување на континуираниот мониторинг.

    „Претпоставуваме дека ова делумно се должи на подобрената контрола на риболовот во соседна Албанија“, додаваат од МЕД.

    За разлика од рибарките, поскокот во внатрешноста на островот не бележи намалување. Неговите популации се стабилни со стандардна варијација на популацијата на возрасни единки помеѓу 200 и 300 единки во последните 19 години.

    Активностите се дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“.

    Годинава екологистите од грчката страна на Преспа забележаа и дека се напуштени  најмалку 300 гнезда на големиот бел пеликан, и десетици други заедно со пилиња на далматинскиот пеликан, од грчката страна на Езерото. Климатските промени и повлекувањето на водата во областа на Преспанското Езеро во Северна Грција ги остави гнездата на пеликаните изложени на предатори, што доведе до нивно масовно напуштање од птиците во оваа сезона на размножување, рекоа од Друштвото за заштита на Преспа (СПП) од Грција. Тие ја повикаа јавноста на итна акција за заштита на колонијата пеликани во Преспа

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира