Доналд Трамп изјави дека не е среќен со Израел, велејќи дека и Израел и Иран веќе го прекршиле прекинот на огнот, што започна утрово. Тој го предупреди Израел да не напаѓа откако Тел Авив го обвини Иран дека лансирал проектили по почнувањето на примирјето, што беше негирано од Техеран.
„Израел, не ги фрлајте тие бомби! Ако го направите тоа, тоа ќе биде големо кршење на примирјето. Вратете ги назад своите пилоти“, напиша Трамп на социјални мрежи.
Израел утрово објави дека се согласил со прекин на огнот, додека Иран кажа дека ќе запре со нападите ако и Израел го стори истото. Сепак, неполни три часа откако примирјето стапи во сила, Израел кажа дека соборил ирански проектили над северниот дел на земјата и се закани дека жестоко ќе одговори. Шефот на иранската војска Абдолрахим Мусави негираше дека биле лансирани ракети кон Израел.
„Разочаран сум што нападите продолжија. Иран го прекрши прекинот на огнот, но и Израел. Не сум среќен со Израел. Мислам дека една ракета била испукана надвор од рокот и Израел веднаш сакал да одговори. Израел мора да се смири. Примирјето е во тек“, изјави Трамп пред заминувањето на самитот на НАТО во Хаг.
Доналд Трамп ноќеска после полноќ по средноевропско време објави дека договорил примирје помеѓу Израел и Иран, кое утрово стапи во сила и ги замоли двете страни да не го кршат. Висок функционер од Белата куќа изјави дека Трамп договорил прекин на огнот во телефонски разговор со Бенјамин Нетанјаху.
„Израелската влада се согласи со предлогот за прекин на огнот откако ги постигна целите на нападите врз Иран. Ја отстранивме двојната непосредна егзистенцијална закана од Иран, од нуклеарното оружје и балистичките ракети, му нанесовме сериозна штета на военото раководство и уништивме десетици цели на централната иранска влада“, соопшти израелската влада.