Театар „Комедија“ потпиша договор за донација од полската Влада за реконструкција на гледалиштето и промена на седиштата во Театарот. За ревитализација на театарскиот аудиториум, полската Влада ќе помогне со 29.000 евра.
Договорот денеска го потишаа директорот Дарко Спасов и полскиот амбасадор Мариуш Бримора. Останатите средства за заокружување на проектот ќе бидат обезбедени од Министерството за култура и туризам и од донатори.
„Важен дел од активностите на МНР на Полска е развојната соработка, во која им помагаме на земјите и општествата во развој. Секоја година, амбасадите испраќаат предлози за проекти за помош до Варшава, од кои комитетот ги избира проектите кои ќе бидат имплементирани во дадената година. Само во 2024, полските амбасади во Западен Балкан имплементирале 17 проекти за помош во вредност од над 220 илјади евра“, рече полскиот амбасадор Мариуш Бримора.
Директорот на Театар Комедија и полскиот амбасадор рекоа дека проектот би требало да биде реализиран пред крајот на оваа година.
Театар Комедија, во новата сезона ја најави претставата „Ивона, принцезата од Бургунд“ од полскиот драматург Витолд Гомбрович.
„Се надеваме дека премиерата на оваа претстава, која е закажана за ноември, ќе можеме да ја гледаме седејќи на новите седишта. Мојата желба е програмата на Tеатарот секоја година да вклучува претстава од полски драматург“, рече Дарко Спасов.
М. ЏАРОВСКА