Доналд Трамп кажа дека го напушта самитот на НАТО во Хаг со поинаков поглед на западната воена алијанса, велејќи дека имал трогателни сцени со лидерите.
„Видов колку се горди шефовите на државите, љубовта и страста што ги покажаа за своите земји беше неверојатна. Никогаш не сум видел такво нешто. Тие сакаат да ги заштитат своите земји. Ним им треба Америка, без САД нема да биде исто. Можете да го прашате Марк Руте или кој било друг што беше тука. Тоа беше многу трогателно да се види“, изјави Трамп.
По неколку месеци притисок од Трамп, членките на НАТО се согласија да ги зголемат годишните издвојувања за одбрана од 2% на 5% од својот бруто домашен производ, за што тој кажа дека е голема победа за САД и западот. Тој притоа ја искара Шпанија што во прв момент не сакаше да го прифати планот.
„Ужасно е тоа што го направи Шпанија, тоа не беше фер кон НАТО. На шпанската економија ѝ оди добро, не знам во што беше проблемот. Кога ќе преговараме со Шпанија за трговски договор, ќе ја натераме да плати двојно повеќе“, рече Трамп.
Тој нагласи дека САД остануваат посветени кон Членот 5 и принципот на колективна одбрана.
„Беше одлично. Ќе кажам дека овие луѓе навистина ги сакаат своите земји и тука сме да им помогнеме да ги заштитат“.