Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска во Обвинителството за организиран криминал поднесе документи за 20 случаи за незаконска легализација на згради дивоградби во Општина Чаир. Арсовска на прес-конфеенција пред Обвинителството кажа дека еден од случаите е за зградата изградена во 2024, но градоначалникот Висар Ганиу со фалсификувани документи потпишал дека е изградена во 2011 година. Законот за лагализација на дивоградби важи за објекти изградени до 2011.
„Таа зграда, Вики, не е изградена во 2011 година како што тврдиш ти, туку во 2024 година. Еве ги сателитските слики кои ги прибавивме од Катастарот за недвижности, кои покажуваат дека во 2017 година на таа парцела ја нема зградата. Висар вели дека за оваа зграда барање за легализација поднел извесен претприемач Беким Аземи во 2010 година. Тој во 2010 година кога почнала да се гради зградата имал само 11 години, а во 2011 кога поднел своерачно барање и изјава за легализација имал само 12 години. Па тој е најмлад претприеамач во историјата, тој е за Гинисова книга за рекорди. Од каде му на 11-годишник повеќе од еден милион евра за да изгради ваква зграда, веројатно од парите што ги собирал за роденден“, рече Арсовска.
Таа кажа дека во Општина Чаир има стотици вакви предмети, односно на диво си се градат згради без дозвола за градба и платени комуналии, со што е оштетен буџетот на државата за стотици милиони евра, а потоа со фалсификувани документи се вметнуваат во системот каде да се изградени во 2011 и со поднесени бројчиња за легализација од 2011.
„Тие пари кои се плаќаат за комуналии се пари на сите граѓаните за градење улици, паркови, плоштади, канализации. Но, во Чаир тоа не важи за оваа криминална банда и никој ништо не презема. Каде се иституциите да постапат? Нешто да кажат од Финансиска полиција, Министерство за финансии, Управа за јавни приходи? За МВР и Влада не прашувам, таму е како и досега. Си го бранат Висар Ганиу со неговата организираната криминална банда, како да им се браќа“, рече Арсовска.
Арсовска еден месец објавува дивиградби во Чаир за кои вели дека Висар Ганиу ги легализира незаконски и бара институциите да постапат по криминалот што се прави во Општина Чаир.
А. АНТЕВСКА