Холандските туристи не ги привлекува елитниот туризам, туку преферираат прошетки, запознавање со локалната култура, традиционалната храна, историјата и дружење со мештаните. Ова го тврди брачниот пар Јасмина и Васко Коцирови, кои со години живеат во Холандија, а организирано носат туристи во подбеласичкиот регион во Струмичко.
Тие се меѓу првите кои инвестирале во сместувачки капацитет во селото Габрово, со цел да им овозможат на посетителите повеќедневен престој за да уживаат во убавините на Беласица, околните водопади и културно-историските локалитети.
„Идејата се роди пред 23 години кога почнавме да се занимаваме со туризам. Сакавме да создадеме капацитет во нашиот роден крај каде странците ќе можат да уживаат во мирот, во комбинација со локална храна и природни убавини, како контраст на динамичниот живот во западноевропските земји. Ние посредуваме за туристи од Холандија, Белгија и Велика Британија преку тур-оператори. Ги носиме во Македонија, претежно во Охрид, а дел од нив доаѓаат и во источниот дел на државата“, вели Јасмина Коцирова.

Васко Коциров, кој има потекло од Габрово, вели дека гостите особено уживаат во традиционалната храна. Во неговиот објект нуди туршија, компоти, домашни сосови и месо во маст, подготвени од локалното население. (Фото: СДК.МК)
Според нивната евиденција, во изминатите две децении тие кон Македонија насочиле околу 120 илјади туристи од овие три земји. Посетителите, како што велат, се импресионирани од убавините на земјата и од постоењето на места без врева и брз живот.
„Најмногу се интересираат за природата, традициите, културата и сакаат интеракција со локалните луѓе. Сакаат да се дружат со нив, да го почувствуваат овдешниот живот, да видат штала, нива, трактор“, додава Јасмина, најавувајќи планови за проширување на понудата и за туристи од Швајцарија и Германија.
Ријоме Вајн, турист од Холандија, вели дека за регионот слушнал од пријатели кои биле воодушевени од храната и водопадите.
„Навистина уживаме овде. Сè е прекрасно. Слушнавме за битката меѓу византиската војска и војската на Цар Самуил. Имате и одлични манастири и цркви“, вели тој.
Васко Коциров, кој има потекло од Габрово, вели дека гостите особено уживаат во традиционалната храна. Во неговиот објект нуди туршија, компоти, домашни сосови и месо во маст, подготвени од локалното население.
„Тие сакаат да видат како се приготвува нашата храна. Најбаран е оризникот кој го подготвуваме пред нивни очи, како и лебот од фурна. Оваа храна ја служиме во автентичен селски двор, каде на менито се и тавче гравче, домашни салати, вино и ракија“, објаснува Васко.

Локалното население треба да се насочи кон руралниот туризам, адаптирајќи ги своите домови за сместување на туристи, велат Коцирови. (Фото: СДК.МК)
Според него, локалното население треба да се насочи кон руралниот туризам, адаптирајќи ги своите домови за сместување на туристи. Тој предлага и дополнителни активности како планински велосипедизам, возење со трактори и прошетки до знаменитостите.
Коциров смета дека приказната за Беласичката битка треба да биде основа за развој на туризмот.
„Треба да ја промовираме Битката на Беласица како појдовна точка. Да направиме патека од Смоларе до Водоча, каде туристите ќе можат да дознаат за битката и за приказните поврзани со околните села – како во Робово војската била заробена, во Секирник ги мавале со секири, во Свидовица жените останале вдовици, а во Водоча им ги ваделе очите. Тоа се приказни кои будат интерес кај странците“, вели Коциров.
Подбеласичкиот регион, со атракции како Смоларскиот, Колешинскиот и Габровскиот водопад, Мокринските извори, локалитетот Пирго и Римските терми кај Банско, нуди голем потенцијал за развој на руралниот туризам, но сè уште се соочува со недостиг на сместувачки капацитети во селските средини.
В. ТРАЈКОВ