ИЛЈАДНИЦИ НОРВЕЖАНИ ПОМИСЛИЈА ДЕКА СТАНАЛЕ МИЛИОНЕРИ ПО ГРЕШКА НА ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА, ДИРЕКТОРКАТА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

    ИЛЈАДНИЦИ НОРВЕЖАНИ ПОМИСЛИЈА ДЕКА СТАНАЛЕ МИЛИОНЕРИ ПО ГРЕШКА НА ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА, ДИРЕКТОРКАТА ПОДНЕСЕ ОСТАВКАГрешката настанала при конверзија од евроценти во норвешки круни, при што износот бил помножен со 100, наместо да биде поделен. (Фото: Нурфото)

    Илјадници Норвежани поверуваа дека станале милионери откако добија известување од државната компанија за игри на среќа „Норск Типинг“ за освоени огромни суми, но подоцна се покажа дека станува збор за грешка.

    Компанијата соопшти дека „неколку илјади“ луѓе кои освоиле награди во играта Евроџекпот биле известени за погрешни износи во петокот. Грешката настанала при конверзија од евроценти во норвешки круни, при што износот бил помножен со 100, наместо да биде поделен.

    Директорката на „Норск Типинг“, Тонје Сагстуен, се извини и поднесе оставка еден ден подоцна.

    „Ужасно ми е жал што разочаравме толку многу луѓе и разбирам дека се лути. Критиките се оправдани со оглед на нарушената доверба“, изјави Сагстуен, додавајќи дека добила пораки од луѓе кои веќе планирале како да ги потрошат парите – за одмори, реновирање на домовите или купување станови.

    Една жена за норвешкиот јавен сервис НРК изјавила дека добила известување за добивка од 1,2 милиони круни (околу 110.000 евра), а всушност освоила само мал дел од таа сума.

    Од компанијата велат дека не биле извршени погрешни исплати, а точните износи биле ажурирани во саботата навечер.

    Поради инцидентот, одборот на „Норск Типинг“ одржа итен состанок со Министерството за култура, кое го надгледува работењето на компанијата. Министерката за култура и еднаквост, Лубна Џафери, изјави дека „вакви грешки не смеат да се случуваат“, особено што „Норск Типинг“ има ексклузивно право да приредува игри на среќа во земјата.

    Ова не е првпат компанијата да се соочи со критики. Од таму признаа дека во последните месеци биле откриени „неколку сериозни грешки“ и дека имале низа технички проблеми во изминатата година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира