За многу кратко време избледе црвената боја во делови од новите велосипедски патеки во Битола кои минуваат низ пешачките премини на крстосницата кај супермаркетот „Веро“ меѓу улиците Партизанска и Васко Карангелевски. Ова вчера го забележа екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК која ги обиколи новите вело и пешачки патени направени со средства од Општината. Нивното уредување и бележење е при крај.
Јавното претпријатие „Паркинзи“ задолжено за бележење на патеките, истиот ден рече дека на бојата се таложи талог од издувните гасови на возилата.
„На врстувањето на улиците Ѓорѓи Наумов со Партизанска веќе неколку часа по бележењето се формира талог од издувните гасови од возилата кои поминале на локацијата, а истиот после 48 часа е видливо зголемен. Талогот насобран е делот кој ние како граѓани не сме го вдишале. Изборот како ќе се движиме низ градот е наш – автомобил или велосипед“, соопштија од „Паркинзи“.
Од Општина Битола пред два дена соопштија дека Битола станува вело град, а на социјалните мрежи објавија видео од градоначалникот Тони Коњановски како оди и се враќа на работа со велосипед.
„Со над 5 километри изградени велосипедски патеки и нови планови што следуваат, го трасираме патот за поеколошка и побезбедна урбана средина“, изјави Коњановски.
Од Општината најавија дека во наредниот период ќе следува доуредување на патеките – расчистување на теренот, поставување на соодветна сигнализација, со што безбедноста и функционалноста ќе бидат значително унапредени. Патеките минуват во два правци на улицата Партизанска и само во еден на Васко Карангелевски. Направени се на делови од поранешните пешачки патеки, па на некои места минуваат над капаци од канализација. Откако беше турен асфалтот на неколку места имаше интервенции.
Пред две недели претседателката на битолскиот Совет, Габриела Илиевска од „Поинаку“, објави и видеоматеријал во кој од асфалтираната и обоена велопатека вади голем црвено обоен камен. Од Општината тогаш изјавија дека изведувачот ќе ги коригира пропустите, со оглед на тоа дека проектот е во тек на реализација и не е целосно исплатен.
Ова се велосипедските патеки за кои Општината бараше од Советот да ги пренасочи парите од проектот на ЕУ „Смарт фор ју ту“, планирани за реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“ кај Офицерски дом. Но, советничкото мнозинство се спротивстави, обинувајќи дека општинските власти потпишале анекс кон основниот договор за пренамена на средствата без одлука на Советот. По ова, Општината со сопствени средства ги изгради патеките, кои беа дел од предизборното ветување на актуелната локална власт во Битола предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА