Српската полиција уапси 79 студенти и други демонстранти во акцијата на отстранување улични блокади во повеќе градови во Србија, поставени како дел од отпорот против власта на Александар Вучиќ.
Полицајци во опрема за нереди интервенираа доцна синоќа и утрово во Белград, Нови Сад, Ниш и Нови Пазар, но властите негираат дека притоа имало полициска бруталност и прекумерна употреба на сила.
Студентите кои ги водат повеќемесечните протести велат дека полицијата повредила повеќе мирни демонстранти. Очевидци изјавија за локалните медиуми дека полицијата тепала демонстранти со палки и штитови и дека четворица студенти се хоспитализирани. Некои српски медиуми објавија дека полицијата ги нападнала студентите кои мирно седеле пред Правниот факултет во Белград.
„Четворица полицајци се повредени и има оштетени полициски возила. Полицијата делуваше во согласност со законот додека одговараше на немирите синоќа и рано денеска“, соопшти министерството за внатрешни работи.
Тензиите во Србија се засилија по големиот антивладин протест во Белград во саботата, на кој се бараа предвремени избори. По завршувањето на собирот, на кој дојдоа десетици илјади луѓе, полицијата се судри со групи демонстранти.
Вучиќ продолжува да ги отфрла повиците за предвремени избори и по повеќе од осум месеци постојани протести и блокади.