ДИОГО ЖОТА ЗАГИНА БРЗАЈЌИ ДА ФАТИ ТРАЕКТ ОТКАКО ЛЕКАР ГО СОВЕТУВАЛ ДА НЕ ПАТУВА СО АВИОН

    ДИОГО ЖОТА ЗАГИНА БРЗАЈЌИ ДА ФАТИ ТРАЕКТ ОТКАКО ЛЕКАР ГО СОВЕТУВАЛ ДА НЕ ПАТУВА СО АВИОН„Ламборгини“ во кој биле Диого Жота и брат му излетал од патот поради пукање на гума при претекнување (Фото: Мирор)

    Напаѓачот на Ливерпул и португалската репрезентација Диого Жота загинал во Шпанија додека брзал да фати траект за Велика Британија, каде што требало да се врати за предсезонските тренинзи со англискиот првак. Жота имаше 28 години, а во несреќата почина и неговиот помлад брат Андре, кој исто така беше фудбалер и играше за португалски третолигаш.

    Како што објави Би-Би-Си, браќата патувале со автомобил од Порто откако лекар го советувал Жота да не лета со авион зашто неодамна имал мала операција. Тој требало да се качи на траект во шпанскиот град Сантандер, но загинале на автопат во шпанската покраина Замора близу португалската граница.

    Информациите што ги имаме досега се дека автомобилот ‘ламборгини‘ излетал од патот поради пукање на гума при претекнување. Тоа се случило во раните утрински часови, во 0:30 часот, во општина Сернадиља во покраината Замора. Автомобилот се запали и двајцата патници загинаа“, соопшти Шпанската цивилна гарда утрово.

    Трагичната смрт на Жота го потресе целиот фудбалски свет и денеска од него се простуваат фанови, фудбалери и клубови. Зад него беа неколку исклучително успешни месеци и на професионален и на приватен план: прво стана шампион на Премиерлигата со Ливерпул, па ја освои Лигата на нации со Португалија, а пред неполни две недели со ожени со својата долгогодишна партнерка Руте Кардосо, со која доби три деца.

    Роден во Порто, Жота почнал да тренира фудбал уште како деветгодишник, а во 2013 станал член на Пакош де Фереира, со кој дебитирал во португалската лига во 2015. Следната година премина во Атлетико Мадрид, кој прво го позајми во Порто, а потоа во Вулверхемптон. Официјален член на англискиот клуб стана во 2018, од каде што направи трансфер во Ливерпул во лето 2020. Тука се промовираше во еден од најефективните напаѓачи во Англија, постигнувајќи 47 голови во Премиерлигата. Во дресот на Португалија запиша 49 настапи и 14 голови и играше на последните две европски првенства.

    Ова нема никаква смисла. Неодамна бевме заедно во националниот тим и тукушто се ожени. Почивајте во мир Диого и Андре, ќе ми недостигате“, се огласи Кристијано Роналдо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира