Американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА) суспендираше и покрена истрага против 139 вработени откако тие потпишале писмо во кое ги критикуваат политиките на Доналд Трамп. ЕПА кажа дека има нулта толеранција кон оние кои ја саботираат владината агенда.
Писмото насловено „Изјава на несогласување“ излезе во јавност оваа недела и во него се обвинува владата за штетна дерегулација, игнорирање на научниот консензус во корист на загадувачите и промовирање на култура на страв во рамките на агенцијата.
Стотици сегашни и неодамна отпуштени службеници на ЕПА го потпишаа писмото. Во јавната верзија на писмото се отстранети имињата на потписниците. Првичната верзија била испратена интерно до директорот на ЕПА, Ли Зелдин, пред да биде објавена.
„Агенцијата за заштита на животната средина има политика на нулта толеранција за бирократите од кариера кои незаконски ја поткопуваат и саботираат агендата на владата“, се вели во соопштението на ЕПА, додавајќи дека писмото ја довело јавноста во заблуда во врска со нејзиното работење.
Слична изјава во јуни потпишале вработените во Националниот институт за здравство во знак на протест против политизацијата на истражувањето и нарушувањето на научниот напредок.