Осумнаесет патници се повредени откако по грешка се активирал противпожарен аларм во авион на „Рајанер“, што требало да полета од Палма де Мајорка за Манчестер. Алармот се огласил после полноќ ноќеска додека авионот се спремал за полетување, што довело до итна евакуација.
Драматични снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат патници како во паника се обидуваат да излезат надвор преку крило на авионот, при што скокаат на пистата. Локалните медиуми објавија дека притоа се повредиле 18 луѓе, од кои шест завршиле во болница.
Итните служби потврдија дека примиле известување за можен пожар во приземјен авион половина час по полноќ, но од „Рајанер“ дополнително кажаа дека тоа бил лажен аларм.
„Авионот за Манчестер го прекина полетувањето поради лажно предупредување за пожар. Патниците излегоа преку лизгалки на надувување и беа вратени во терминалот. При излегувањето, мал број патници се здоби со мали повреди. За патниците организиравме нов лет, кој тргна од Палма во седум часот утрово“, соопшти авиокомпанијата.