ПОЧНА КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА КУЛАТА ПИРГО НА БЕЛАСИЦА ОД ВРЕМЕТО НА ЦАР САМОИЛ

    ПОЧНА КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА КУЛАТА ПИРГО НА БЕЛАСИЦА ОД ВРЕМЕТО НА ЦАР САМОИЛОвој локалитет е доста посетуван преку летниот период и се претпоставува дека на кулата била и набљудувачница на војската на цар Самоил. (Фото: СДК.МК)

    Почна расчистувањето на теренот околу кулата Пирго кај населеното место Мокриево на планината Беласица. Станува збор за доцноантичка кула изградена во периодот меѓу 5. и 6. век, која се претпоставува дека била активна и во средниот век во периодот на цар Самоил.

    Пирго е излетничко-рекреативен локалитет. Се споменува како една од точките каде се водела битката на Беласица меѓу византиската и војската на цар Самуил.

    Стручни лица од Заводот и Музеј Струмица ќе работат на археолошко доистражување на кулата, но и конзервација и реставрација на објектот кој треба да даде туристичка валоризација на целиот локалитет.

    Кулата е со квадратна основа со димензии 10,65 на 10,65 метри. Ѕидовите се со дебелина од 3 метри изградени од огромни камења, а дел од основата е поставена на карпа. Нејзината сегашна зачувана височина е околу 6 метри.

    Станува збор за доцноантичка кула изградена во периодот меѓу 5. и 6. век.

    „Ќе се доистражува кулата за да се утврди дали има пропратни објекти во непосредна близина. Со истражувањата ќе раководат Душко Цветанов и Зоран Рујак по што ќе почнеме со процесот на конзеравација и реставрација. Конзервацијата ја финансира Општина Ново Село откако изминатиов период изработивме основен проект. Целта ни е да го вратиме оргиналниот лик на
    кулата“, изјави Бранко Ѓоргиев, директор на Завод и Музеј Струмица.

    Паралелно со реставрацијата на кулата партерно ќе се уредува и просторот околу неа, со цел да стане и туристичка атракција. Од Општината велат дека овој локалитет е доста посетуван преку летниот период и се претпоставува дека на кулата била и набљудувачница на војската на цар Самоил.

    „Пирго е позната локација каде особено на пролет и лето, месното население и многу гости често прават излети и се организираат настани. Целиот локалитет плени со природната убавина, свежината. Реконструкцијата на славната кула Пирго е остварување на идеја на повеќе генерации затоа што постоеле повеќе иницијативи и петиции од жителите и иселениците од овој крај“,  објави Општина Ново Село кога почна изработката на проектот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира