Државата ќе ги урива дивоградбите во заштитените подрачја. Министерството за транспорт и врски денеска објави тендер за избор на фирма за уривање дивоградби. Како што велат од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК, тендерот се однесува само за дивоградби од А категорија во заштитени подрачја.
„Тендерот е објавен за да бидеме спремни за можни ситуации. Ова го правиме затоа што во Охрид за заштитениот дел има дивоградби, па за да има фирма да може да се постапува. Идеја е да имаме спремен тендер да може да се постапува кога ќе има потреба“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Постапката за уривање ќе ја води Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, кој е под надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во фокусот ќе бидат дивоградбите долж охридското крајбрежје, кои Општина Охрид со години не ги урива.
Во јануари годинава, по серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК за дивоградби покрај крајбрежјето, Државниот градежен инспекторат изврши инспекциски надзор над работата на градежните инспектори во Општина Охрид и утврди дека не издавале решенија за уривање на дивоградбите во Студенчишко Блато, заштитено како природно наследство во Охридскиот Регион. Овие забелешки за непостапувањето на општинските инспектори, Државниот градежен инспекторат ги доставил до Министерството за транспорт и врски и до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Од Општина Охрид тогаш рекоа дека чекаат Државниот градежен инспекторат да донесе одлука дали ќе им сe одземат ингеренциите за постапување со дивоградбите.
Општините постојано се правдаат дека не ги рушат дивоградбите оти немаат фирма за уривање и чекаат да се објави тендер. Но, и кога има тендер не се уриваат големи објекти, згради и хотели, туку времени и монтажни објекти, а градоначалниците се правдаат дека во буџетот за уривање немаат толку пари или оти средствата предвидени со тендерот се потрошени и нема пари за толку голем зафат.
Денеска, 40 организации од регионот и од Европа објавија дека бараат од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион да се впише во Листата на светски наследства во опасност. Тие бараат таа одлука да се донесе на 47 сесија на Комитетот за светско наследство која почна на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Во следните неколку дена Комитетот по третпат ќе гласа дали Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство, ќе биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. Нацрт-одлуката е објавена и предвидува впишување во листата. Покрај останатото, во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.
А. АНТЕВСКА